Фото: Steve Punter, Wikimedia commons

Денеска, на 99 годишна возраст почина Принцот Филип, сопруг на британската кралица Елизабета Втора. Веста ја потврди кралското семејство на социјалните мрежи.

„Со длабоко жалење, нејзиното височество кралица соопштува дека нејзиниот сакан сопруг, принцот Филип, војводата од Единбург, почина мирно утрово во замокот Виндзор“, објавија од Бакингамската палата.

Денеска знамињата низ Велика Британија се спуштени на половина копје во знак на жалост, а за смртта на принцот се обрати и премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон.

„Ние, како нација и кралство, му се заблагодаруваме на извонредниот живот и дело на принцот Филип, војводата од Единбург”, рече Џонсон.

Принцот Филип, кој во јуни требаше да наполни 100 години, во изминатиот период се лекуваше во лондонски болници поради проблеми со срцето, а претходно беше заразен и со корона вирус. Со кралицата Елизабета Втора беа во брак повеќе од седум децении, а во ноември минатата година одбележаа 73 години брак.