fbpx

На 80 години почина писателот, академик Луан Старова

-

Писателот, публицист, преведувач, дипломат и новинар, академикот Луан Старова почина вчера на 80 годишна возраст.

Старова е автор на обемно научно дело од областа на романистиката, поспецијално на француската книжевност, албанската и македонската, како и компаративната книжевност, кој зад себе остави повеќе од 200 библиографски единици на разни стручни и научни трудови во земјава. Тој е автор е на книгата „Француски книжевни идеи на XX век“, како и на „Балканска сага“ која зазема посебно место во неговата дејност и е составена од 17 романи. Акад. Старова е важен писател во нашата земја кој засекогаш ќе се памети преку своите дела како еден од најголемите творци и создавачи што ги забележува македонската и албанска книжевност.

„Горката вест за ненадоместливата загуба ги растажи членовите на блиското и далечното семејство, пријателите, соработниците и сите оние што во некој фрагментод нивниот животен пат биле привилегирани да бидат до него, да соработуваат со него и да создаваат незаборавни сеќавања меѓутоа, оваа загуба е и загуба за човештвото и светот на уметноста воопшто. Големата празнина што ја остава зад себе неговото физичко отсуство секако дека ќе се надоместува со неговото извонредно писателско, преведувачко меѓутоа и научно творештво. Обемното книжевно наследство е вредна скапоценост на домашната но секако и светската книжевност. Тој ја подари на светот „Балканската сага“, и за тоа доби највисоки награди и признанија, како домашни, така и светски. Покрај тоа, тој беше член на МАНУ, почесен член на ААН, на Медитеранската академија од Неапол, Европската академија на науки во Салцбург и Научното здружение „Лајбниц“ од Берлин. Несомнено дека неговото физичко патешествие не требаше да застане тука меѓутоа споменот за него ќе живее во секој траг што го остави зад себе“, своето сочувство кон семејството го изразува и претседателот Стево Пендаровски заедно со пратениците од Собранието на Република Северна Македонија.

Пендаровски се прости од големиот и импозантен академик и на својот профил на Фејсбук ја изрази својата благодарност за честа што имале шанса за соработка.

Луан Старова е роден на 14 август 1941 година во Поградец, а од 1943 година со семејството се преселиле во Струга, кратко време во Тетово, а потоа од 1945 година во Скопје. По завршувањето на средното образование во гимназијата „Јосип Броз Тито“, студирал Француски јазик и книжевност со Историја на уметноста како втор главен предмет, а во текот на студиите се вработил како новинар, а потоа бил избран за главен и одговорен уредник на весникот „Млад Борец“. По дипломирањето во 1967 година, работел како новинар во Радио Скопје, а следната година бил назначен за главен и одговорен уредник на емисиите на албански јазик на Телевизија Скопје. Истата година започнал да ги следи постдипломските студии по теорија на книжевноста, со специјалност од француската литература на Сеучилиштето во Загреб. Во текот на 1972/1973 година како стипендист на Француската влада престојувал во Париз, на специјалистички студии на Универзитетот Нова Сорбона. Својата докторска дисертација ја изработил во Париз откако повторно бил стипендиран во 1975 година. Во 1985 е именуван за вонреден и ополномоштен амбасадор на СФР Југославија во Република Тунис. Именуван е и за прв амбасадор на СФРЈ во Палестинската држава. Од 1990 година работел како редовен професор по предметот француската книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Избран е и за шеф на Катедрата за романски јазици и книжевности.

Во творештвото на писателот Старова влегуваат делата „Луѓе и мостови“, „Доближувања“, „Релации“, „Француски книжевни студии – 20 век“, „Ервехе – книга за една мајка“, „Јаничари“, единствената збирка поезија „Песни од Картагина“ и многу други.

За своите книжевни дела е добитник на повеќе национални и меѓународни признанија и награди, меѓу кои и наградата „Крсте Мисирков“ за публицистика, наградата „11 ноември“ на Скопје за книжевно дело „Луѓе и мостови“, републичката награда „11 октомври“ за книгата есеи и студии „Доближувања“, првата награда на конкурсот на Книгоиздателството „Мисла“ за романот „Времето на козите“ два пати наградата на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“ за роман на годината и други. Добитник е на Медал на Асоцијацијата на писатели кои пишуваат на француски јазик. Во 1998 година е избран за член на Здружението на француските писатели. На 19 јуни, 2003 година е прогласен за почесен граѓанин на својот роден град Поградец (Албанија). Добитник е и на највисокото француско признание за достигнување во уметноста и во книжевноста (Commandeur de l‘Ordre des Arts et des Lettres).

За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2003 година, а од 1 јануари 2016 е избран за потпретседател на МАНУ.

Неколку дена претходно на македонската јавност ѝ беше соопштена жалната вест за загубата на академикот и еден од најпреведуваните македонски писатели, наречен и „Принцот на метафората“, Радован Павловски кој почина на 84 години.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Тенденциозно и без докази се обвинува дека Украина и Западот стојат зад терористичкиот напад во Москва

Одговорноста за нападот во Москва ја презеде милитантната група Исламска држава (ИСИС). Ден по нападот, на 23 март, ИСИС објави фотографија од четворицата напаѓачи. На 24 март, пак, ИСИС...