Со изнесување докази, меѓу кои една досега неприкажана снимка од нападот на пратеникот Зијадин Села при насилствата во Собранието на 27 април минатата година, денеска се одржа уште едно рочиште, а в среда судењето продолжува со изнесување завршни зборови.
Обвинителот Дарко Јакимовски од судот побара повеќе време за да ги подготви завршните зборови со цел да може да ги вклучи и деловите нотирани на денешното рочиште, поради, како што рече, можност за измена на обвинение. Неговиот колега Абидин Абдули по завршувањето на денешното рочиште рече дека денешниот видео запис претставен пред судот е нешто што им недостасувало на обвинителството и на судот за точно да се утврдат дејствијата и вината на обвинетите.
Адвокатите од одбраната по паузата од денешното рочиште реагираа на нотирањето на случувањата од видео снимката од страна на судечкиот Совет и побараа видео записот да биде повторно прегледан и да бидат забележани и констатирани точно сите моменти.
На видеото се гледа настанот во прес-центарот во аголот каде се пратениците и на него тие веќе имаат видливи повреди. Се гледа нападот на лицата кои се влезени во Собранието и како тие ги напаѓаат пратениците и фрлаат предмети кон нив. Се гледа присуството на обвинетиот Александар Јаневски Тошта, Сашко Сенков, Никола Ошавковски, Цејо и Кире Георгиевски, лицето во црно со фантомка на глава, Николче Димитриевски. Се гледа оштетениот Села во аголот од прес центарот и се слуша како некој вика „Дај го ваму“, „Држи го“, „Дај го ваму! копиле!“ Потоа се гледа како некој го извлекува Села од групата пратеници кон средината на прес центарот. Се забележува поголема група луѓе како го удираат Села, прво во исправена состојба и потоа додека е на земја. Иако Села е легнат на подот и веќе не реагира, ударите продолжуваат.
Обвинителот на крајот од рочиштето до судот поднесе изготвено вештачење од Институтот за судска медицина на Медицинскиот факултет при УКИМ.
За ова дело обвинети се Кире и Цане Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.
Судењето почна на крајот на јануари годинава.