На 30 април децата во Мексико ќе имаат можност да постават прашања поврзани со Ковид-19 до здравствените власти

Министерството за здравство во Мексико објави дека на 30 април, потсекретарот за превенција и унапредување на здравјето, Уго Лопез-Гател ќе води сесија со прашања и одговори со деца, наречена „Прашајте го д-р Гател“.

„Децата може да испратат видео или цртеж, прашувајќи што сакаат или да кажат како се чувствуваат во врска со Ковид-19, а на 30 април, службеникот ќе одговори на прашања за време на конференцијата во 19 часот“ – соопшуваат властите.

Најдобрите цртежи ќе бидат презентирани на дневната конференција, додека 20-те деца кои ги направиле најдобрите видеа ќе бидат избрани да комуницираат со официјалниот претставник преку видео конференција.

„Ова е обид да се слушнат сомнежите на сите деца во нашата земја, кои се многу важен сектор на населението“, рече првиот човек на Генералниот директорат за промоција за здравство, Рикардо Кортес Алкали.

Прес-конференција за деца се одржа и во Финска, каде што деца ја преземаа улогата на новинари и поставуваа прашања до тројца високи државни функционери.