На 3 мај започнува 34-то издание на скопскиот Саем на книгата

Саемот на книга оваа година се враќа во својот редовен пролетен термин на одржување, од 3 до 9 мај во салата Борис Трајковски во Скопје.

„Сите значајни домашни издавачки куќи најавија дека ќе се претстават со своите најнови наслови-изданија за 2022 година. Свое учество најавија и издавачки куќи од регионот, од Србија, Албанија, Косово и претставници од Република Турција“, се вели во соопштението за претстојната книжевна манифестација.

За време на саемските денови, од организацијата најавуваат средби со автори, промоции и попусти, а ќе биде претставена и богата програма за деца и млади со која најмладите посетители ќе можат да уживаат во светот на книгите. Ќе биде одбележан и 5 мај како Ден на македонскиот јазик кога ќе се одржи промотивен настан насловен како „Македонски книжевни класици – Подарок за поколенијата“ со што ќе се даде осврт кон најзначајните творци на македонската книжевност, Блаже Конески, Петре М.
Андреевски, Оливера Николова, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Солев.

Билети може да се набават електронски преку веб страницата www.karti.com.mk или за времe на Саемот на билетарата на Арена Борис Трајковски.

Овогодинешното 34-то издание на Саемот на книга се одржува со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија.