На 21 мај по втор пат ќе се одржи конференцијата Science@FEIT

Фото: Факултетско Студентско Собрание - ФЕИТ

Факултетското студентско собрание при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФСС ФЕИТ)  на 21 мај ќе го одржи второто издание на конференцијата Science@FEIT, посветена на промовирање на научно- истражувачката дејност кај студентите преку демонстрација на интересни и применливи истражувања, трудови и дискусии од реномирани научници, професори и ФЕИТ алумни.

Како што велат од ФСС ФЕИТ, нивната цел е преку овој настан да го стимулираат академското развивање кај младите, да овозможат социјализација и подобрена комуникација помеѓу сите генерации на академски граѓани, и да демонстрираат симбиоза помеѓу длабоката наука, свежите умови и отменоста.

Конференцијата е поддржана од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Инженерската институција на Македонија (ИИМ) и Македонската секција на Институтот на инженерите по електротехника и електроника (IEEE- најголемата техничка професионална организација во Светот).

Овогодинешното издание во сабота ќе почне во 10 часот во просториите на Хилтон хотелот Дабл Три.

Алумнистот на ФЕИТ Симон Станкоски ќе го одржи предавањето на тема „Пресметување на фреквенција на дишење преку маска за виртуелна реалност со користење на машинско учење“, додека доц. д-р. Владимир Ѓоргиевски ќе има предавање на тема „Праведност, демократија и енегетските заедници“. Професор д-р. Бранислав Геразов ќе го одржи предавањето „Асистивни говорни технологии – глас на секое дете“.

Во рамки на конференцијата, на панел дискусијата со наслов „Предизвици во енергетиката- енергетска криза, стратегија и нови технологии“ како панелисти ќе настапат: проф. д-р. Христина Спасевска, проф. д-р. Антон Чаушевски и д-р. Александар Дединец