Две недели по протестот на повеќе илјади граѓани против загадувањето, наречен „Марш за чист воздух“ одржан на 29 ноември, владата реализираше само едно од седумте прелиминарни барања кои организаторите на протестот ги поставија како предуслов за средба со Ввладата, велат од „Зелениот фронт“.

Тие не се задоволни од тоа со каква сериозност владата и приоѓа на реализацијата на ветените седум барања и покрај тоа што и беше оставен поголем рок од првобитните пет работни дена, па најавија нов протест за следниот петок, 20 декември.

„Од заедничките 100 барања на здружените над 30 граѓански организации во „Зелениот фронт“, објавени во таканаречената „Зелена книга“, владата досега само ја стопираше процедурата на усогласување на законите од областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културно наследство, заштита од природни и други непогоди, комунална хигиена со законот за прекршоци, според кој казните треба да се намалат до 75%, се вели во изјавата дадена за „Мета.мк“ од „Зелениот фронт“.

Повикувајќи ги граѓанските здруженија обединети во „Зелениот фронт“ на преговори, владата минатата недела најави дека ги прифаќа и ќе ги реализира сите нивни седум ургентни барања.

Предлог измените и дополните на Законот за животна средина за контаминирани подрачја од ноември 2018, исто така едно од седумте барања, владата најави дека ќе ги разгледува на седницата во среда, но, иако седницата помина, во соопштението на официјалната веб-страна на владата не се кажува дали оваа точка била разгледувана и нема информација дали се усвоени.

„Владата во својот одговор минатата недела извести дека ДУП СИ 09 Гази Баба за Вардариште ќе се донесе до крајот на годинава, но она што ќе се донесе е само блок 1 од овој ДУП, другите два блока не се ни започнати. Она што баравме е да се наложи итно носење на овој ДУП за црната точка во Скопје – Вардариште, не само на еден блок“, се вели во изјавата од „Зелениот фронт“.

Од таму исто така забележуват дека во однос на  прифатеното барање Јавното обвинителство да отвори истрага за ОХИС во стечај, владата која располага со сите доказни материјали или некој друг државен орган, не ги поднесе до ЈО да се отвори истрага и нема информација што ќе се случува понатаму.

Граѓанското здружение „Охрид SOS“, кое е дел од „Зелениот фронт“ пред неколку дена му упати отворено писмо на министерот за животна средина Насер Нуредини во кое укажуваат на противзаконското постапување од одредени лица од неговото министерство кои ја опструираат процедурата за прогласување на Охридското Езеро и Студенчишко блато за Рамсар заштитено блатно подрачје.

Од „Зелениот фронт потсетуваат и дека беше побарано конечно раскинување на концесијата на „Еуромакс“ за рудникот Иловица – Штука, владата сè уште оддолжува со донесувањето на конечната одлука за рудникот Иловица.

Oд владата информираа дека одлуката ќе биде донесена откако ќе заврши жалбената постапка на „Еуромакс“ пред Управиот суд.