Не стивнуваат реакциите од бизнис-секторот, но и од граѓаните кои имаат поголеми месечни приходи по најавата на Владата дека од 1 јануари 2019 стапува на сила нов закон за данок на личен доход со кој се укинува рамниот данок и се воведува прогресивно оданочување. Даночните промени предизвикаа и повеќе дилеми околу износот и начинот на плаќање на даноците за личен доход.

Според новата регулатива, доколку даночната основа на поединечна исплата по некој од основите кој се даночи со прогресивни стапки го надминува прагот од 1.500 евра, за делот над 1.500 евра ќе се плати данок по повисоката стапка од 18 отсто уште во моментот на исплатата. На пример, доколку се исплаќа надоместок по основ на договор за дело од 2.000 евра , исплатувачот ќе треба да плати вкупен данок од 240 евра (10 отсто односно 150 евра за делот што е до 90.000 денари и 18 отсто односно 90 евра за делот што го надминува прагот од 90.000 денари).

На крајот на годината, со годишната даночна пријава ќе се врши пребивање помеѓу вкупниот доход што го остварило едно лице и вкупниот данок што бил платен, и доколку постои разлика помеѓу платениот данок и данокот што треба да се плати за остварениот доход, на лицето ќе му се врати повеќе платениот данок, или пак лицето ќе треба да доплати.

Од Министерството за финансии тврдат дека директно зголемување на даноците ќе има само за 38.000 лица, а кај 453.000 лица ќе има намалување на ефективната даночна стапка.