На 13 јули ќе започне постапката за чистење на линданот од малата депонија во ОХИС

Во дворот на некогашниот хемиски гигант има три депонии на линдан, од кои испитани се само малата и големата и заедно содржат повеќе од 50.000 тони линдан | Фото: Мета.мк

Министерството за животна средина и просторно планирање на денешниот брифинг со новинарите информираше дека на 13 јули ќе започне постапката за подготовка на теренот за чистење на малата депонија со линдан во ОХИС. Постапката за дислокација на линданот треба да се заврши во период од 12 месеци, при што овој дел од ремедијацијата на малата депонија во ОХИС е финансиран од Глобалниот еколошки фонд (GEF), Норвешка, Делегацијата на ЕУ и Владата.

Малата депонија има вкупно 6,661 тони отпад од кои 1,601 тони се од HCH, 4,060 тони се загадена почва и 1.000 тони контаминиран бетон. „Мета.мк“ веќе пишуваше дека малата депонија со линдан во ОХИС ќе биде покриена со шатор во кој ќе се инсталираат и филтри за прочистување на воздухот, за да се озбезбеди заштита на околината при чистењето на опасната хемикалија.

Пред започнувањето на чистењето на малата депонија ќе бидат остварени контакти со локалното население, кое ќе биде информирано за сите мерки кои се преземени за безбедно чистење.

Мониторинг на чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС и следењето на можните емисии на загадувачки супстанци во воздухот и во почвата, ќе се врши со новата опрема на лабораторијата за хроматографски анализи на Институтот за хемија на ПМФ, донација од Норвешка.

Инаку, линданот од малата депонија во ОХИС ќе го чисти грчката компанија „Полиеко“. Транспортот на линданот ќе се врши преку Солунското пристаниште, а од таму со брод до Франција, до компанијата за горење на отпадот „Фос Сур Мер“. Контаминираната почва, пак, исто така ќе се носи до Солун, преку граничниот премин „Богородица“, а оттаму со брод до пристаништето во Ротердам во Холандија, каде ќе се преработи во компанијата „АТМ“.