Многукратното повторување на вистината за да можат читателите и гледачите да разграничат што е лажна вест, а што не, во моментов е едниствениот начин на кој политичарите можат да се борат против лажните вести, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конфереција со српската премиерка Ана Брнабиќ во Владата, на која, меѓудругото се посвети и големо внимание на борбата против лажните вести.

– Лажните вести можат да уништат интегритет, чест, достоинство на една личност, на цело семејство, па дури да направат и непријатели меѓу земјите кои се пријатели – рече Заев.

Тој потенцираше дека светот има голем проблем со лажните вести и затоа мора да изнајде институционално решение за борба против нив.

– Критичкото новинарство треба да го има, бидејќи е многу здраво за демократијата за разлика од лажните вести кои ја уништуваат. Кај нас здруженијата на новинари почнаа да работат, медиумите да направат регистар на портали, но досега најсреиозната алатка за борба противи лажните вести е вистината – додаде Заев.

Српската премиерка Ана Брнабиќ укажа дека лажните вести се феномен и проблем на современото време, современите медиуми и социјалните мрежи со којшто се бори цел свет.

– Лажните вести на сите ни одземаат многу време и енергија. Секогаш постои дилема дали да се справиш со лажните вести и да објасниш за што се работи или да се прави нешто што е во интерес на граѓаните што на крајот на краиштата е вашата работа и она за што граѓаните ве избрале и за што ве плаќаат. Сметам дека е подобро да се прави нешто како денеска со отворањето на „One stop shop“ на Табановце – Прешево што може да придонесе кон подобар квалитет на животот на граѓаните, а да веруваме дека на некој начин граѓаните сами ќе заклучат што се вистински, а што лажни вести – рече Брнабиќ.

Таа додаде дека се додека има поголем број на конкретни инцијативи, заеднички проекти и добри идеи, директна комуникација, меѓусебни посети тоа дава многу појасна слика за меѓусебните односи помеѓу двете земји отколку лажните вести.

Изминатиот период откако случајот „Рекет“ е актуелен во нашата држава, во српските медиуми се појавија голем број на дезинформации поврзани со него.