Случајот на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција „Рекет“ во кој осомничени се Боки 13 и Зоки Милески – Кичеец, сведок е Орце Камчев, а вмешаноста на СЈО и обвинителката Катица Јанева дополнително ќе се докажува, крена огромна прашина за време на топлите, вообичаено мирни августовски денови, пишува „КриТинк.мк“ во анализата „ТОП 9 дезинформации за „Рекет“ во српските медиуми“

Но, медиумското известување уште еднаш потфрли и на дело покажа дека сензционализмот, шпекулациите и непроверените информации непотребно додаваат масло на огнот. Па, наместо да ѝ понудат релевантни и проверени информации на публиката гладна за одговори, медиумите и овој пат придонесуваа во зголемување на мешаницата.

Интересно елемент во медиумското известување за овој случај е што значителен дел од непроверените и шокантни „информации“ доаѓаа(т) од нашиот северен сосед односно од српските медиуми.

Сензационалистички наслови со големи букви и извичници, еднострани текстови без автори, извори и докази, како и еден куп дезинформации, со засилено темпо беа објавувани во српските медиуми во последните две недели. Најпроблематично во целата ситуација е што овие написи беа преземани и објавувани во македонските медиуми без притоа да се направи основна проверка на веродостојноста на понудените информации.

„ХАОС“, „СКАНДАЛ“, „ПАНИКА“, „ШОКАНТНО“, „ЕКСКЛУЗИВНО“, се дел од сензационалистички зборови употребени во насловите на написите со цел што повеќе луѓе да ги кликнат и со тоа што повеќе луѓе да бидат изманипулирани со оваа засилена пропаганда.

Заедничко за сите овие написи е што имаат за цел да ја дискредитираат македонската влада и што упорно тврдат дека македонскиот премиер Зоран Заев, државниот врв и советникот Зоран Башановиќ „со сигурност“ се вмешани во случајот, а за вакви сериозни обвинувања на јавноста ѝ се нудат само празни зборови.

ХАОС ВО МАКЕДОНИЈА ПОРАДИ БОКИ 13 (Kurir.rs 15.07.2019)

Написот сензационалистички тврди дека во Македонија владее хаос поради случајот „Рекет“. Ова е изнасилено и неточно тврдење, бидејќи надлежните институции си ја вршат работата, осомничените се во притвор, а во тек е истражна постапка. Во текстот се пласираат две дезинформации. Првата е дека „Боки 13 бил поврзан со обвинителката што го води случајот „Империја“. Таа обвинителка е Лиле Стефанова, а Боки 13 според досегашните информации се поврзува со шефицата на СЈО, Катица Јанева, податок кој ОЈО допрва треба да го докаже. Текстот, исто така, вели дека „сè уште не е соопштено кој обвинител примил мито“. Дека некој обвинител примил или не примил мито останува на ОЈО да докаже, а медиумите не смеат да пласираат ваква сензитивна информација како да е точна (а со тоа да ја манипулираат јавноста) пред надлежните институции да ја потврдат.

СКАНДАЛ КАКОВ МАКЕДОНЦИТЕ НЕ ПАМЕТАТ: Државниот врв на чело со премиерот Зоран Заев и Зоран Башановиќ вплеткани во мафијашко-рекетарската афера на Боки 13!(Kurir.rs 08.08.2019)

Во написот се тврди дека македонскиот премиер Зоран Заев и државниот врв се вмешани во случајот „Рекет“, а притоа како поткрепа за ваквите тврдења на јавноста ѝ се нуди едно големо ништо. Нема докази за сторено сериозно кривично дело како што се тврди, нема извор на информацијата, ниту проверка на тврдењето кај надлежните македонски институции. Медиумот на јавноста не ѝ нуди ниту објаснување на кој начин се вмешани Заев и Башановиќ. Па, така, се добива впечаток како тврдењето намерно и тенденциозно да е додадено во текстот за да се постигне одредена цел.

ВЛАДАТА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО ПАНИКА! Објавена НОВА СНИМКА која ја докажува поврзаноста на Заев и Боки 13 во рекетирањето на македонскиот тајкун(Pink.rs 08.08.2019)

Снимката за која што се зборува е второто видео објавено од италијанскиот медиум „Ла Верита“. Дезинформацијата во овој напис е тврдењето дека тоа видео ја докажува поврзаноста на премиерот Заев и Боки 13 во случајот „Рекет“. Ова е тотална манипулација базирана на информација изваден од контекст. Во снимката Боки 13 навистина го спомнува името на Заев, но ништо од снимката не ја докажува „валканата работа на премиерот“, како што тврди медиумот. И повторно, без објаснување се тврди дека вмешан е и Башановиќ, иако тој не се спомнува во ниту една снимка.

Што ѝ рекол Боки 13 на полицијата – Ако ме убијат, доказите против Заев се кај мојата мајка (Kurir.rs 10.08.2019)

Одеднаш српски пропагандистички портал објавува што Боки 13 кажал во полиција за време на сослушувањето. Таква информација може да имаат многу мал број на луѓе – Боки 13 и истражните органи. Но, информацијата не е дојдена ни од осомничениот, кој е во притвор, ниту од официјална институција. Всушност, оваа сензционлистички објавена информација нема ниту извор, ниту поткрепа. Единственото нешто што го постигнува оваа објава е тенденциозно дезинформирање на јавноста.

Шокантно откритие од истрагата: Башановиќ и Боки 13 ЗАЕДНО РЕКЕТИРАЛЕ! (Informer.rs10.08.2019)

Пред нецела недела српски „Информер“ објави дека Башановиќ е снимен додека заедно со Боки 13 се договарале како да го рекетираат македонскиот бизнисмен. Такво видео и шест дена по објавата на овој напис не е објавено. Вистината е дека ништо, ама апсолутно ништо, досега не го поврзува Башановиќ со случајот „Рекет“ – ниту официјалните информации од македонските истражни органи, ниту објавените снимки во италијанскиот медиум. Само српските портали ја гледаат поврзаноста и за неа засилено „информираат“.

БОКИ 13 РЕКЕТИРАЛ ПОРАДИ ЈЕЛЕНА КРЛЕУША! Екслузивно откриваме што се крие зад аферата „Рекет“! (Kurir.rs 12.08.2019)

Текст кој не заслужува никаков друг коментар освен – тотална глупост. Сè што на читателите им е понудено е фразата „Курир открива“. А како „Курир“ открива не е јасно. Информацијата нема извор, нема никаква потврда, целосно е еднострана и тенденциозна. Ниту е прашана пејачката дали има вистинитост во тоа што наводно го открива медиумот. Да ја прашале, текст немало ни да има, а со тоа ниту кликови и споделувања на сензационализмот. Кратко по бомбастичната објава, Карлеуша во изјава за „Репортер“ ги демантираше тврдењата. Освен „ексклузивното откритие“, и во овој текст се тврди дека Заев и државниот врв се вмешани во случајот. Повторно без докази!

ЗОРАН ЗАЕВ ПОДНЕСУВА ОСТАВКА? (Espreso.rs 13.08.2019)

Уште едно „шокантно откритие“ кое се преставува како ексклузивна информација. Се разбира, повторно станува збор за целосна невистина. Премиерот Заев не само што не поднесе оставка, туку напротив, изјави дека не размислува за оставка, ниту за предвремени парламентарни избори.

Боки 13 бесен од затвор му се заканил на Заев: Вади ме или ќе откријам како со Харадинај крадеш милиони (Informer.rs 14.08.2019)

Повторно сензационализам и повторно шпекулации. Закани до премиерот преку заеднички блиски соработници, мафијашки бизниси, рекетирање богати Албанци од Косово, се само дел од нафрлените тврдења за кои доказите се невидливи. Имагинацијата на оној кој го пишувал текстот, а не знаеме кој е затоа што текстот нема потпишан автор, оди дотаму што Боки 13, Заев и Харадинај ги обвинува за вклученост во шверц на стока во Србија, но и во трговија со оружје.

БОКИ 13 СО ПАРИ ОД АФЕРАТА „РЕКЕТ“ ГО ФИНАНСИРАЛ ПРОТЕСТОТ НА ОПОЗИЦИЈАТА?!(Alo.rs 14.08.2019)

Текстот тврди дека македонските медиуми откриваат оти 400.000 евра од аферата „Рекет“ биле уплатени во Србија. Потоа се тврди дека „Ало дознава“, оти парите, ни помалку, ни повеќе, биле искористени за финансирање на протестот на тамошната опозиција и дека трансакцијата одела преку Башановиќ. Овој заклучок е донесен само затоа што Башановиќ се сретнал со Драган Ѓилас, лидерот на Сојузот за Србија. Докази за овие обвинувања нема, медиумот се вади на флоскулата „наведуваат нашите добро упатени извори“.