Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Грчкиот сервис за борба против лажните вести „Ellinika hoaxes“ направи осврт на најголемите 10 дезинформации и лаги пласирани во грчките медиуми и медиумите на грчки јазик во 2019 година.

На првото место, според гласовите на читателите, се пласирани многуте написи за Елени Антониаду, за која велат дека учествувала во изработката на првиот вештачки душник, што бил имплантиран на пациент, дека работела за НАСА и обучувала астронаути…

Но проверките на „Ellinika Hoaxes“ покажале дека Антониаду не е спомената од релевантните фактори во врска со случајот со вештачки одгледаниот душник од матични клетки (кој бил многу контроверзен случај, а главните актери во овој експеримент потоа ги загубиле своите звања. Дополнително на тоа, откако пациентот на кој бил трансплантиран душникот починал од компликации откако душникот колабирал, Антониаду, која не е воопшто спомената во луѓето што учествувале во зафатот, подоцна давала интервјуа и тврдела дека пациентот е добар и закрепнува.

Дополнително, тврдењата дека работела во НАСА и обучувала астронаути исто така се покажале невистинити, оти е утврдено дека таа само учествувала на 10-неделна летна школа како студент и воопшто не е поврзана со американската вселенска агенција.

На второ место е тврдење на Киријакос Велопулос, претседателот на партијата „Елинско решение“ дека Германија им плаќа на имигрантите да користат услуги на проститутки (за да не ги силуваат Германките) и дека и Грција ќе го прави истото од 2021 година.

На третото место е новинарот Јанис Ловердос, кој е редовен „муштерија“ на „Ellinika hoaxes“ поради многу лажни вести, од кои една е и фотомонтажа со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, на која тој „наопачки гледа во двоглед“.

Меѓу останатите „победници“ се и приказните за пчелите-почитувачи на икони, кои наводно не граделе сотови од саќето врз вметнатните икони. Но како што утврдиле новинарите на грчкиот сајт за борба против лажните вести, тоа се случувало оти иконите ги покривале испакнатините од урнекот на восочните плочи врз кои потоа пчелите продолжувале да го градат саќето.

Меѓу најголемите оповргнувања на дезинформации се и оние на многуте текстови во грчките медиуми што тврделе дека ракот успешно се лекува само со природна медицина или тоа дека Гренланд за само неколку часа загубил 40 отсто од својата површина поради топење на мразот.