Земјоделците ќе можат да ги извршуваат своите работни активности на земјоделските површини и фарми кои се наоѓаат во атарот на селото во кое живеат, а другите ќе треба да вадат посебна дозвола за движење. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, МЗШВ, во согласност на најновата забрана за движење која стапува во сила од утре, 8 април, ги информира земјоделците кои имаат работни обврски на своите земјоделски површини и на фармите, а кои се наоѓаат во атарот на селото каде живеат, дека можат да се движат и за време на забраната за движење, но исклучиво заради извршување на работните активности.

„Земјоделците, пак, чии земјоделски површини или фарми се наоѓаат надвор од селото во кое живеат и кои треба да патуваат, а имаат работни обврски поврзани со производството, задолжително треба да извадат дозвола за движење. Тоа ќе биде по претходно воспоставениот принцип, преку Подрачните единици на МЗШВ. Досега, се издадени 3.491 дозвола за движење на земјоделци заради извршување на работните обврски“, соопшти МЗШВ.