Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска плати 207.000 евра заостанат долг, за консултантски услуги за втората фаза од проектот „Програма за наводнување Јужно-вардарска Долина“.
На овој начин, како што информираат од министерството, се откочува реализацијата на проектот, која беше блокирана поради тоа што претходната влада не плаќала редовно за консултантски услуги во изминатите две години.
„Со подмирувањето на долгот овозможивме меѓународниот консултант на проектот да продолжи со работа, а со тоа и да се продолжат активностите за изградба на системите за наводнување во Валандовскиот Регион. Ова е една од повеќето активности преземени за подобрување и за унапредување на соработката со германската кредитна банка за обнова КФВ“, информираат од МЗШВ.
Со овој проект се предвидени реконструкција, рехабилитација и изградба на систем за наводнување од околу 2.000 хектари во регионот на Удово, Јосифово и на Пирава. За реализација на втората фаза од овој проект, предвидени и обезбедени се околу 16 милиони евра, преку кредит од германската банка и од буџетот на МЗШВ.
Проектот Јужно-вардарска Долина е од витално значење за земјоделството во Јужниот Регион и со неговата реализација долгорочно ќе се реши проблемот со обезбедување вода за наводнување во овој регион.