Фото: Министерство за животна средина и просторно планирање

Министерството за животна средина и просторно планирање и Сојузот на стопански комори на Македонија, ССКМ, склучија меморандум за соработка. Целта на меморандумот е да се интензивира соработката во заштитата на животната средина на национално ниво, а врз основа на потребата за унапредување на корпоративната одговорност и отчетност во таа област, како и за понатамошно унапредување на националната и меѓународна регулатива за претпријатијата, стои во нивното заедничко соопштение.

Претседателката на ССКМ, Данела Арсовска, истакна дека ќе се спроведе кампања со учество на малите и средните претпријатија, со цел преземање на мерливи и директни активности за справување со климатските промени, заради заштита и унапредување на животната средина.

„Важно е да покренеме нови иницијативи за воспоставување соработка меѓу приватниот, јавниот сектор и граѓанското општество. Тоа ќе овозможи подигање на колективната и на индивидуалната свест за влијанието на загадувањето врз животната средина. Најважно е што за прв пат иницијативата за намалување на загадувањето ќе ја насочиме кон иницирање саморегулација на претпријатијата со високо ниво на свесност, а не единствено со досегашниот пристап, преку примена на репресивни мерки”, изјави Арсовска.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, посочи дека двете институции ќе промовираат воспоставување, проширување и зајакнување на заемно корисна соработка за заштита на животната средина.

„Подобрата информираност и вклученост на малите и средните претпријатија во примената на почисти технологии и развивањето на поеколошки практики, како и поголемата свесност на сите за сопствениот удел, носи поголема посветеност и придонес во напорите за постигнување на стандардите за животна средина кон кои се стремиме“, рече Нуредини.

Двете институции здружено ќе делуваат преку активности за спречување на загадувањето, еко едукација, креирање политики и напори за подигање на јавната свест за важноста на овие политики, овозможување поквалитетен живот и здравје на граѓаните.