МЖСПП: Престануваат да важат вонредните мерки поради загадениот воздух во Битола

Фото: Арбнора Мемети

Прекинат е прагот на алармирање во Битола, со што престануваат да важат препораките и мерките поради загадениот воздух во Битола, кои стапија на сила пред два дена, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

„Согласно податоците од ДАМСКAВ на ден 21.02.2021, среднодневните концентрации на РМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 163 mg/m3, и епизодата од два последователни дена е прекината во Битола на мерното место Битола 2, со тоа престануваат да важат препораките и краткорочните мерки при надминат праг на алармирање“, велат од министерството.

Оттаму додаваат дека информацијата за прекин на важење на мерките е доставена до Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за животна средина, Управа за животна средина, Сектор за комуникација со јавноста во МЖСПП, Институт за јавно здравје и до општина Битола.

Со краткорочните препораки и мерки во случај на надминат праг на алармирање предвидено е да се користи јавниот превоз, да не се користат возила без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, за затоплување на простории да не се користат прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал, а на веб страната на МЖСПП објавено е упатство како правилно да се користат печките за дрва.

Во случај, кога на сила има вакви мерки, ограничени се и движењата и активностите на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хоронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот.