Фото: Мета.мк

Денеска започна вакцинација на лицата заболени од ретки болести, што се заведени во Националниот регистар за ретки болести. Се вакцинираат и родителите и старателите на малолетните лица од овој регистар, кој има околу 60 различни дијагнози на болести, соопштија од Министерството за здравство.

Покрај овие лица ќе се вакцинираат и пациентите со болеста Цистична Фиброза, а исто така, и во оваа категорија ќе се вакцинираат и родителите и старателите на малолетни лица со ова заболување.

Вакцинацијата ќе се изведува во наредните неколку дена на вакциналните пунктови во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје.

Неделава завршува и вакцинацијата на околу 2000 пациенти кои се на дијализа, кои чекаат орган на листите за трансплантација, имаат трансплантиран орган, или и самите се донори.