Паркингот пред Ковид-амбулантата на Инфективна клиника. Фото: Вистиномер, 24 август 2021

Министерството за здравство информира дека најголем број од новозаболените лица со ковид-19 во земјава, како и оние лица кои биле хоспитализирани во болниците, се невакцинирани против ковид-19.

Во анализата за периодот од 6 август до 2 септември се наведува дека 22.416 граѓани се регистрирани како позитивни од ковид-19, при што 4.191 лице биле целосно вакцинирани против ковид-19, односно 18,7 проценти. Министерството за здравство појаснува дека за вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

„Според статистика за изминативе четири недели, 18.225 граѓани, односно дури 81,3 отсто од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 87 отсто, додека само 13 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани“, се вели во соопштението на Министерство за здравство.

Тие додаваат дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. Во период од четири седмици, на територија на државата починале 480 лица со ковид-19, при што 429 пациенти (89 отсто од починатите) не биле вакцинирани, а само 51 (10 отсто) примиле вакцина. Според анализите, починатите лица кои биле вакцинирани против ковид-19 имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

„Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини Модерна и Џонсон, кои некои од пациентите ги примиле во странство“, велат од Министерството за здравство.

Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, додавајќи дека секоја вакцина која ја имаме на располагање во земјава е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.