Руската вакцина Спутник В не се набавува преку српски државјанин како посредник, туку во директна комуникација со Рускиот инвестициски фонд во Москва. Министерството за здравство денеска ги демантираше лагите и дезинформациите објавени на неколку медиуми дека земјава преку посредник – српски државјанин ја набавила вакцината против ковид-19 произведена од рускиот Центар „Гамалеја“.
„Министерството за здравство ја информира јавноста дека набавката на вакцината Спутник В од самиот почеток се одвива во директна комуникација со Рускиот инвестициски фонд во Москва и нема никаков посредник во комуникацијата. Првите 3.000 дози вакцини веднаш пристигнаа откако МЗ го потпиша договорот за набавка на 200.000 вакцини од производителот на вакцината Спутник В“, информираат од ова министерство.
Тие додаваат дека за набавка на вакцини против ковид-19, без разлика дали станува збор за Спутник В, Синофарм, Астра Зенека или Фајзер, или Ковакс механизмот, нашата држава ја плаќа цената на вакцината понудена од производителот.
Од Министерството за здравство потенцираат дека нема провизии за ниту една набавка на вакцини против ковид-19, дополнувајќи дека ваквите лажни вести имаат за цел намерно да го нарушат процесот на набавки на вакцини.
„Министерството за здравство ја цени и поддржува слободата на медиумите, истражувачкото и критичко новинарство, но укажуваме информациите до кои доаѓаат медиумите сериозно да ги проверуваат, како би се избегнало ширење на лажни вести“, велат од ова министерство.