МЗ: Од хоспитализираните со ковид-19 во последните 2 месеца, 75 отсто биле невакцинирани

Фото: Мета.мк

Од 45.621 граѓани утврдени како позитивни на тестирањето за ковид-19 во периодот од 6 август до 28 октомври, 27 отсто биле целосно вакцинирани, односно 12.375 лица, соопшти Министерството за здравство (МЗ) во новата анализа за заболените од ковид-19 и учеството на вакцинираните меѓу нив.

За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

Во периодот од 6 август до 28 октомври, односно вчера, 33.246, граѓани, т.е. 73 отсто од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани, соопшти МЗ.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 75 отсто, додека само 25 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во периодот од 6 август до 28 октомври, односно вчера, во земјава починале 1.592 пациенти со ковид-19, а 1.310 пациенти од починатите, односно 82 отсто не биле вакцинирани, а само 18 отсто, односно 282, примиле вакцина.

„Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас“, соопшти Министерството за здравство, кое порачува дека „секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна“ и апелира граѓаните да се вакцинираат за да се постигне колективен имунитет.