Министерството за здравство реагира на дел од објави и пренесени ставови во медиумите дека кинеската вакцина „Синовак“ не штити од делта сојот како и од тешка клиничка слика при разболување на вакцинираните со оваа вакцина.
„Ова тврдење е апсолутно неточно, нема ниту една студија или научен доказ кој ова го потврдува. Апелираме медиумите да не пласираат непроверени тези од поединци кои не се засновани на официјални информации од меѓународните здравствени институции. Досегашните анализи и официјални инофрмации на СЗО која ја одобри оваа вакцина, покажуваат дека истата е ефикасна 51 отсто при заштита на асимптоматските случаи и штити 100 отсто од развој на тешка форма на болеста“, информираат од Министерството за здравство.
Појаснуваат дека, согласно најновите две студии на СЗО спроведени во Бразил за ефикасноста на вакцината од новите соеви, што се во моментот во циркулација, потврдено е дека истата штити 50 отсто во првата студија и 83 отсто во втората студија.
„Како што ќе има нови официјални студии и податоци за ефикасноста на вакцините, Министерството за здравство ќе ја информира јавноста. Во овие исклучително чуствителни моменти, кога започнува масовната вакцинација во нашата земја, апелираме на максимална одговорност од сите поединци и медиуми во однос на вакцинацијата и споделување исклучително на ставови кои се поткрепени со научни докази и потврдени студии“, апелираат од ова министерство.