МЗ: 85 отсто од новите случаи на ковид-19 и 91 отсто од хоспитализираните се невакцинирани

Фото: Мета.мк

Министерството за здравство (МЗ) ја објави двонеделната анализа за вакцинираните меѓу новите позитивни случаи на ковид-19.

За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

Во периодот од 06.08 до 19.08.2021 на територијата на земјава 9.881 граѓанин биле регистрирани како позитивни на ковид-19. Од нив само 15 отсто биле целосно вакцинирани, односно 1.507 лица.

Голем е бројот на невакцинираните граѓани кои се заразиле со ковид-19. Според двонеделната статистика, 8.374 граѓани од позитивните на ковид 19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 91 отсто, а само 9 отсто од сите 724 моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од две седмици на територија на земјава починало 101 лице со ковид-19, 92 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 9 односно (8 отсто) примиле вакцина. Според анализите починатите, имале повеќе хронични заболувања, вели МЗ.

Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини Модерна и Џонсон и Џонсон, кои некои од пациентите ги примиле во странство.

Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.