Од Министерството за здравство во врска со текстот објавен во „Мета.мк“, дека Владата целосно се откажува од изградба и реконструкција на амбуланти во руралните подрачја во државата, по предлог-ребалансот на буџетот усвоен на последната владина седница појаснуваат дека средствата наменети за изградба на амбуланти во рурални средини во износ од 3 милиони денари се пренаменети во програмата 1а – изградба и реконструкција на јавни здравствени установи (ЈЗУ).

– Во Министерството за здравство во тек е објавен оглас за реконструкција на ЈЗУ во коишто се планирани и амбулантите во руралните средини, со што предвидена е поголема сума на средства за оваа програма. Во наредниот период, значително ќе бидат подобрени условите во здравствените установи како за пациентите, така и за вработените – соопшти Министерството.

Сепак, во потпрограмата 1а која ја наведуваат во Mинистерството никаде не се споменува изградба на амбуланти во руралните подрачја.

„Во рамки на оваа програма планирани се изградба на Поликлиника Сарај, реконструкција на ЈЗУ Општа болница Гостивар, градежни активности за ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија Св.Еразмо- Охрид, ЈЗУ Општа болница Прилеп, ЈЗУ Општа болница Струмица, ЈЗУ Општа болница Куманово, Општа градска болница Св.Наум Охридски-Скопје и завршување на градежни активности за бункер за линеарен акцелератор за ЈЗУ Општа градска болница 8 Септември-Скопје“, пишува во предлог-ребалансот на буџетот во објаснувањето на потпрограмата 1а.