fbpx

МВР за „Мета“: Оградата двојно го намали протекот на мигранти

-

По подигнувањето на жичената ограда на македонско-грчката граница кај Гевгелија, во земјава од Грција дневно во просек влегуваат 2.640 мигранти, што е двојно помалку од периодот претходно, велат за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Вчера, според министерството, биле регистрирани и им биле издадени потврди на вкупно 3.784 мигранти, од кои најголем дел се државјани на Сирија, односно 1.783 лица, од Авганистан се 870 и од Ирак – 1.131 мигрант. Од 19 јуни, кога почна издавањето на потврди, до вчера, низ земјава, според податоците на МВР, поминале вкупно 325.543 мигранти.

Жичената ограда кај котата 59 на јужната граница беше подигната на 28 ноември, а деновиве Армијата на Република Македонија (АРМ) почна со поставување ограда и на делот од границата кај граничниот премин Меџитлија.

Хрватската државна телевизија ХРТ објави дека жичената ограда подигната на јужната граница, Македонија ја набавила од Унгарија, пренесувајќи изјава на комесарот на унгарската влада за економија, Гјорги Баконди, кој вели дека во Македонија испратиле 10.000 метри (10 километри) бодлива жица „која нивната влада наскоро треба да ја постави на границата со Грција“.

„Во периодот од поставување на жичената ограда, односно од 28 ноември 2015 година, до почетокот на месецов, во просек јужната граница ја поминуваат 2.640 мигранти од Сирија, Авганистан и од Ирак што претставува приближно двојно намалување во однос на периодот од 1 до 28 ноември 2015 година“ се вели во одговорот на МВР на нашето прашање за тоа каков е ефектот од поставувањето на жичената ограда.

Филтрирањето на мигрантите, мерка која претходеше на поставувањето на оградата и беше активирана на 19 ноември, со која влез и транзит низ земјава им се дозволува само на мигрантите од воените жаришта, според МВР, исто така го намалила протекот на мигранти на јужната граница.

„Трендот на намалување на протекот на илегални мигранти на јужната граница ги следи миграциските текови на Балканскиот Полуостров, односно со одлуката за пропуштање само на мигрантите што доаѓаат од земјите зафатени со воени дејства од 19 ноември 2015 година бележиме тренд на намалување на вкупниот протек на мигранти на јужната граница“, велат од МВР.

Оттаму истакнуваат дека поставувањето на жичената ограда е поради заштита на територијалниот интегритет и суверинитет и насочување на мигрантите.

„Ефектот од поставување на жичената ограда е, пред сè, за заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на Р.Македонија и за заштита на полициските и на армиските службеници во вршење на работните задачи, односно насочување (утврдување правец) при влегувањето на мигрантите во Република Македонија поради поголема контрола над истите, сè за да се оневозможи влез на напливот на економски мигранти и да се овозможи нормален протек на мигрантите што доаѓаат од земјите зафатени со воени дејства“, велат за „Мета“ од МВР.

Политиката на филтрирање на мигрантите и поставувањето на жичената ограда предизвикаа тензии на македонско-грчката граница и неколку инциденти од страна на т.н. економски мигранти од Иран, Бангладеш, Пакистан, на кои не им беше дозволено да ја преминат границата.

Министерството за внатрешни работи, деновите по поставувањето на оградата, откри и неколку случаи на шверц на мигранти, кои предходно, додека се пропуштаа сите мигранти и немаше ограда, беа многу ретки или воопшто ги немаше.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...