Во текот на изминатото деноноќие на територијата на државата, по однос на мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 537 прекршоци, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Оттаму исто така информираат дека при сообраќајните контроли во текот на вчерашниот ден само на територијата на град Скопје изречени се вкупно 199 санкции.
Полициските службеници во изминатото деноноќие изрекле 23 казни за управување со брзина поголема од дозволената, 21 мерка за возење без возачка дозвола, 13 за нерегистрирани и технички неисправни возила. Воедно изречени се 12 казни за управување под дејство на алкохол, 10 мерки за користење на мобилен телефон и 7 санкции за поминување на затворен сигнал (црвено светло).
Од МВР најавија дека ќе продолжат сообраќајните контролите и во наредните денови. До граѓаните апелираат да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот.