МВР со кривични пријави за две лица од Велешта: Узурпирале државен имот, палеле трски и го загадиле Охридското езеро

Фото: ДИЖС

Узурпирале државен имот, палеле трски во езерото и со насипување на градежен шут и земја ги загадиле водите на Охридското езеро. Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривични пријави против две лица од струшкото село Велешта. Тие се обвинети за кривичните дела „узурпација на недвижности“ и „загадување на животната средина и природата“.

„ОВР Струга поднесе кривична пријава против Е.К.(42) и В.К.(40), двајцата од струшкото село Велешта. Пријавените, како сопственици на парцела покрај брегот на Охридското езеро во Струга, на 03.03.2021 година ангажирале лица кои со градежна механизација извршиле насипување и тампонирање на нивното земјиште но и на површина што е во државна сопственост. Притоа, узурпирале 1.372 метри квадратни  државно земјиште а со насипување на земја и градежен шут во водите на Охридското езеро извршиле загадување на водите, уништување на трската и на езерскиот биодиверзитет“, се наведува во соопштението на МВР.

Проблемот со узурпацијата на земјиште на крајбрежјето на Охридското езеро и палењето на трската се појавува секоја година пред почетокот на летната сезона. Покрај МВР, изминатава пролет и Државниот инспекторат за животна средина во неколку наврати поднесе кривични пријави и најави казни за ваквите узурпатори.