Од февруари, кога стартуваше примената на системот „Безбеден град“ до крајот на јуни бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди е намален за 40 отсто. Министерството за внатрешни работи информира дека лани во истиот период имало 55 жртви, а годинава 34.
„Од почетокот на примената на системот се евидентирани над 130.000 сообраќајни прекршоци, а повеќе од 95 отсто од нив се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина. Тоа јасно покажува дека најголемата опасност на нашите патишта не се камерите, туку неодговорното возење“, велат во МВР.
Посочуваат дека проектот ќе продолжи да се имплементира низ целата држава, бидејќи, како што велат, целта не е да се изрекуваат повеќе казни, туку да има помалку сообраќајни несреќи, помалку изгубени животи и побезбедни патишта.
