fbpx

МВР проверува дали покрај „Скопје 2014“ се местеле и други фестивали

-

Сопственик на продукциска куќа, автор и композитор на песни, сопственик и управител на фирма која го организираше телефонското гласање на музичкиот фестивал „Скопје 2014“ и уште едно лице, се осомничени како организатори на групата што планирала местење на резултатите од гласањето на фестивалот, на кој, меѓу другото, се избираше и песна која догодина ќе ја преставува земјава на „Евровизија“.

Крајната цел на групата, како што информираа од МВР, била да влијаат на резултатите од гласањето, односно на првите три места за кои вкупниот награден фонд, обезбеден од Министерството за култура, изнесува 45.000 евра.

Покрај четворицата организатори, кои се на возраст од 26 до 56 години, полицијата се сомнева дека во целиот случај се вклучени и други лица, кои биле ангажирани од фирамата што го организира телефонското гласање, односно следењето на самото гласање.

– Четворицата првоосомничени се појавуваат во својство на организатори на криминалните активности и по претходен договор со лица вработени во мобилните телефонски оператори, купувале поголемо количество мобилни телефонски апарати и СИМ-картички од трите мобилни оператори, кои картички биле заведени на име „Тест“ или на непостоечки лица со една или две измислени адреси, како улица Беровска и Партизанска ББ. Картичките биле активирани и подготвувани со отстранување на безбедносните ПИН и ПУК-кодови на набавените СИМ-картички, сè со цел за нивно поедноставно користење за самото гласање – информираше портпаролот на МВР, Иво Котевски.

СИМ-картичките, организаторите потоа им ги поделиле на поголема група луѓе, кои имале задача да гласаат преку СМС-пораки, а за тоа за кого и по колку гласови да испраќаат, добивале инструкции од лице кое било ангажаирано од фирмата што го спроведувала гласањето.

По завршувањето на фестивалот, полицијата, по наредба од судија на предходна постапка, извршила претреси на две локации во Скопје, каде биле затекнати 14 лица, голем број телефони и околу 2.500 СИМ-картички, од кои, според полицијата, координирано се испраќале СМС-пораките.

– Се претпоставува дека организаторите, за местењето на наградите и на пласманот, претходно се договарале со учесниците-изведувачи, кои најчесто се однесувале за давање услуги по однос на аранжмани за песни или видеозаписи кои требало да бидат изработени од продукциските куќи – велат од МВР.

Во акцијата, што уследила по завршувањето на фестивалот, во полициската станица во Кисела Вода, приведени се тројца од организаторите на групата, додека четвриот е надвор од земјата.
– Со нив и со уште едно лице е извршен информативен разговор. Тие побарале присуство на бранител, по што одлучиле да молчат. Извршена е координација со надлежниот јавен обвинител и по документирањето на случајот, истите се ослободени, а против нив дополнително ќе биде поднесена кривична пријава во редовна постапка – изјави Иво Котевски.

Четворицата организатори се осомничени за злосторничко здружување и за компјутерска измама.

Како што информираше Котевски, во досегашаната истрага не е утврдена никаква инволвираност во манипулациите од страна на лица Македонската радиотелевизија, која е организатор на фестивалот, ниту, пак, на информативен разговор биле повикани изведувачи што настапиле на „Скопје 2014“.

Од МВР информираат дека истрагата за случајот продолжува, ќе се вештачат запленетите СИМ-картички за да се утврди од кои и како е гласано, се проверуваат информации за евентуална инволвираност на други лица во случајот и сомневања за вмешаност на групата во местење на резултатите од гласањето и на други музички фестивали во земјава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...