Одделот за организиран криминал на Министерството за внатрешни работи (МВР) во координација со надлежното јавно обвинителство ја спроведува акцијата на Економскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, потврдија за „Мета“ од МВР.
„Одделот за справување со организиран и сериозен криминал презема мерки и активности во координација со Основното јавно обвинителтво на УКИМ, поради сомневање за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и примање поткуп, сторени од вработени на Економскиот факултет“, велат од МВР.
Оттаму не откриваат колку и кои лица се осомничени за кривичните дела и дали има уапсени, а повеќе детали за акцијата најавуваат за утре.
Според неофицијални информации, во полициската акција, под кодно име „Еразмус“ , е уапсен професорот и поранешен декан на Економскиот факултет, Бобек Шуклев, а полицијата, наводно, трага по уште седум лица, од кои дел се негови колеги.
Дел од медиумите неофицијално пренесуваат дека еден од осомничените е член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).