Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека од 31 март до 2 април во официјална посета на Северна Македонија престојува делегацијата од Црна Гора предводена од претседателот Јаков Милатовиќ, а една од точките на програмата била и посета на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Соопштението на МВР доаѓа откако во јавноста се појавија реакции во дека на професорите од Правниот факултет им било оневозможено да влезат на факултетот за време на посетата на делегацијата.
МВР вели дека во рамки на подготовките за посетата, полицијата извршила извидување на теренот и остварила координација со Правниот факултет како организатор на настанот, при што било побарано возилата да не се паркираат на пристапните улици, туку на соодветниот паркинг простор.
„Од страна на МВР беше укажано организаторот навремено да ги извести вработените за овие мерки, што, според потврдата од факултетот, било направено уште на 30 март“, соопштија од Министерството.
Оттаму додаваат дека полицијата не правела селекција на лица кои можат да влезат на факултетот, туку преземала мерки за расчистување на трасата на движење на личностите под заштита. По пополнување на паркингот, дел од возилата биле пренасочени поради недостиг на простор, но, како што велат од МВР, никому не му бил оневозможен пристап доколку сакал да влезе пеш.
Претходно, од Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ) реагираа дека на професорите од Правниот факултет им бил забранет пристап до работните места и до паркингот на Универзитетот, оценувајќи дека станува збор за повреда на автономијата на Универзитетот.
„Ова се чекори што ги преземаат само авторитарни режими“, соопштија од партијата, прашувајќи „од кого се плаши власта, од професорите, студентите или граѓаните“.
Од СДСМ посочуваат дека на Правниот факултет и претходно гостувале носители на највисоки државни функции, но дека вакви мерки досега не биле преземани.
Од МВР пак, објаснуваат дека протоколите се разликуваат во зависност од определениот степен на заштита на личноста, па оттука и мерките кои се преземаат при нивното движење.
Настанот на факултетот е организиран како заедничко предавање на претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.
