Ален Зекиров, поранешен телохранител на екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков добил отказ од Министерството за внатрешни работи.

Зекиров отказното решение го добил пред три дена од УБК, каде од 2015 година работи во одделот за антитероризам.

Од МВР ја потврдија информацијата.

„По спроведената постапка за утврдување на дисциплинска одговорност поради кршење на работниот ред и дисциплина, на предлог на Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност во Управата за безбедност и контраразузнавање, од страна на министерот за внатрешни работи е донесено решение со кое на А.З. му е откажан договорот за вработување во министерството за внатрешни работи“, велат од МВР.

Дел од медиумите наведуваат дека Зекиров отказот го добил поради учеството во насилствата во Собранието од 27 април, минатата година, но од МВР нема официјална потврда на овие информации.