Фото: Бојан Блажевски

Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава против Ј.С. од село Шишево и против правно лице од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“, казниво по член 230 став 1 од Кривичниот законик. Кривичната пријава ја поднело СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал, информираат од МВР.

„Првопријавениот, во својство на сопственик на пријавеното правно лице, во периодот од крајот на мај и почетокот на јуни 2020 година преку правното лице организирал транспорт на повеќе поврзани пратки на отпад (градежен шут и смет) од Инфективната болница при Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје до локација на втора заштитна зона на бунарското подрачје „Нерези Лепенец” во општина Карпош“, се наведува во соопштението на МВР.

Овој отпад, заедно со веќе постоечкиот затекнат на дивата нелегална депонија, спротивно на прописите за заштита на животната средина и спротивно на прописите и одредбите од Елаборатот-Експертизата за заштита на бунарската зона „Нерези-Лепенец” и без поседување на дозвола, бил закопан под површината на земјата, со што го сторил кривичното дело, информираат од МВР.