За десет дена, откако стапија на сила измените на Законот за азил и привремена заштита, Министерството за внатрешни работи (МВР) издало потврди на 5.005 странски државјани, со кои им се овозможува 72 часа легално да престојуваат на територијата на државата, соопшти МВР.

Измените на Законот, Собранието ги изгласа на 18 јуни, по скратена постапка, и стапија на сила уште наредниот ден.

Како што информираат оттаму, од странските државјани 3.973 се од машки пол, 597 од женски, а 425 биле деца „кои го придружуваат носителот на потврдата и десет деца на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување барање за признавање на право на азил“.

„Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија (3.180), потоа Авганистан (479), Ирак (321), Пакистан (250) и на Сомалија (245)“, стои во соопштението на МВР.

Оттаму велат дека поради „зголемениот притисок од илегални мигранти на јужната граница кон Грција“, МВР продолжува со засилените мерки за обезбедување на граничната линија.