Фото: Арбнора Мемети

Министерството за внатрешни работи (МВР) има полни раце работа со угостителските објекти кои не ги почитуваат мерките за ограничување на работното време до 21 часот. Според податоците од билтенот на МВР, само во текот на вчерашната ноќ се регистрирани неколку прекршувања.

„На 05.03.2021 во временскиот период од 21.30 до 23.20 часот од полициски службеници од СВР Скопје во содејство со инспектори од Државен пазарен инспекторат е извршена контрола во угостителски објект на подрачјето на Бит Пазар при што било констатирано дека објектот работел, односно не се придржувал до пропишаното работно време и во него биле затекнати 22 лица, од кои еден малолетник, кои се лишени од слобода. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена пријава по член 206 од Кривичниот законик – „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, информираат од МВР.

Вчера вечер, во 22.50 часот од полициски службеници од Полициска станица Гостивар при извршена контрола на угостителски објект- чајџилница на ул.„18 Ноември“ во Гостивар, сопственост на М.И.(45) од Гостивар, констатирано е дека се постапува спротивно на законски пропишаното работно време за време на епидемија, при што во објектот имало 11 гости.

„Објектот од страна на Државен пазарен инспекторат е затворен, а сопственикот М.И. е лишен од слобода и задржан во полициска станица. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена пријава по член 206 од Кривичниот законик – „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, се наведува во соопштението на МВР.

Вчерашната вечер, во 21.30 часот полициски службеници од СВР Тетово во содејство со инспектори од Државен пазарен инспекторат при извршена контрола на угостителски објект во с.Мала Речица, сопственост на С.Ј.(54) од с.Мала Речица констатирале непостапување по здравствени прописи за време на епидемија при што во објектот имало осум лица.

„Објектот од страна на Државен пазарен инспекторат е затворен, а сопственикот С.Ј. е лишен од слобода и задржан во полициска станица. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена пријава по член 206 од Кривичниот законик – „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, информираат од МВР.

Инаку, во изминативе денови растат бројките на новозаболени лица од ковид-19, а властите предупредуваат дека се можни дополнителни рестриктивни мерки за да се спречи ширење на корона вирусот.