Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, да понесат правна и институционална одговорност поради тоа што не постапиле професионално во Собранието каде што физички беа нападнати пратеници и новинари.

Ова денеска на прес-конференција го побараа од Движењето за реформи на ДПА, кои го осудија учеството на припадници на АРМ и на МВР, како што рекоа, во насилничкиот и крвавиот акт врз пратениците.

– Тие ги прекршија Законот за одбрана, Законот за служба во АРМ, Законот за МВР и кодексот на професионализмот, дозволувајќи им на насилниците слободно да влезат во Собранието за да извршат насилство врз народнитие пратеници. Тие го урнаа угледот на Армијата и на полицијата, го доведоа во опасност животот, здравјето на присутните, извршија прекршок со елементи на насилство, учествуваа во дисциплински прекршок и во кривични дела. Против овие лица бараме да се преземат соодветни мерки и да се казнат – изјави Таип Јусуфи од секторот за одбрана и за безбедност на Движењето за реформи на ДПА.

Јусуфи ги повика сите политички партии, невладини организации и граѓани, да се воздржат од какви било акции што предвидуваат примена на сила.