Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска излезе со збирна информација за штетите што ги предзвикаа серијата земјотреси што го погодија Скопје на 11 септември, од кои најсилниот беше со магнитуда од 5,3 степени според Рохтеровата скала, пријавени во Единицата за команда и известување во СВР Скопје.

Според податоците на МВР, земјотресот предзвикал штети во станбени објекти, пукање на цевки од парно греење, оштетени се покриви и поплавени се простории во повеќе општини во Скопје.

  • Општина Центар – паднати кабли од бандера врз куќа, пуканти цевки од топловодната мрежа и поплавени простории во Македонската радиотелевизија (МРТ), прекин на електрична енергија во Полициската станица Центар, оштетени две возила;
  • Бит-пазар (општина Чаир) – оштетени два автомобили, пукнати sидови и тавани во куќа, оштетен покрив и таван од куќа;
  • Драчево (општина Кисела Вода) – целосно урнат покрив од куќа;
  •  Чаир – пожар во куќа;
  • Аеродром – поплавени простории од пукнати цевки за парно греење во три стана;
  • Кисела Вода – за време на земјотресот, од покрив паднале неколку керамиди и повредиле жена. Кај неа биле констатирани телесни повреди на главата, рамото и на ногата, и по укажаната лекарска помош во градската општа болница „Св. Наум Охридски“ била пуштена на домашно лекување.

Од земјотресите, според МВР, оштетувања имало и во објекти на СВР Скопје.

„Утврдено е дека има оштетувања на службени простории кои се во состав на СВР Скопје, односно на полициската станица од општа надлежност Бит-пазар, полициската станица за безбедност во патниот сообраќај (Пролет), полициската станица Карпош, полицискиот оддел Арачиново, објектот каде се сместени комисиите на одделението за увиди за сообраќајни незгоди и на едницата „Алфа“ и просториите во МРТ, каде е сместена Единицата за криминалистичко разузнавање и аналитика“, информираат од МВР.

Оттаму додаваат дека за констатираните оштетувања се подготвуваат службени белешки и ќе бидат пријавени на телефонскиот број 195.

„Не е побарано дополнително или засилено присуство на полицијата на терен, со исклучок на превентивно обезбедување (со редовна смена) на влезовите од медицинските установи, ургентни центри, за непречено донесување на евентуално повредени лица“, велат од МВР.