Денеска, со почетокот во 12 часот, Министерството за внатрешни работи со централна свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје ќе го одбележи 7 Мај – Денот на македонската полиција. На свеченоста, како што е предвидено, ќе говорат министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Горанче Савовски, и Славчо Петрушевски, командат на Единицата за специјални задачи „Тигри“, која одбележува 35 години јубилеј од нејзиното формирање.

Покрај централната свеченост, во 10 часот министерот Спасовски и семејствата на загинатите припадници на МВР ќе положат цвеќе на споменикот на загинатите припадници пред главната зграда на МВР.

Делегација на МВР, исто така, ќе положи цвеќе на споменикот во базата Брест, посветен на загинатите припадници во хеликоптерската несреќа, а ќе биде посетен и споменикот на загинатите бранители во паркот Жена-борец во Скопје.

Во одбележувањето на денот на македонската полиција, претставници на МВР традиционално ќе ги посетат децата без родители од Домот за згрижување на деца и младинци „11 Октомври“, Домот за доенчиња и за мали деца во Битола и Дневниот центар за деца со посебни потреби во Тетово.