Скопје на 9 април 2020 година беше во карантин | Фото: Арбнора Мемети

Од 12 јуни заклучно со денес, полицијата спроведе 13 лица во државен карантин поради непочитување на решенијата за изолација и самоизолација, информираат од Министерството за внатрешни работи. Меѓу лицата е и еден полициски службеник, а против сите нив ќе бидат поднесени и кривични пријави по член 206 од Кривичниот законик на РСМ. Воедно, лицата што се спроведени во државен карантин ќе мора истиот самите да си го платат.

Во тек е вториот бран на новозаразени лица со корона вирус, што е директна последица од континуираното непочитување на мерките за превенција од ширење на вирусот. Мета.мк и претходно пишуваше дека секојдневно се прекршува мерката за самоизолација и изолација, како и мерката за неносење заштитна маска.

И покрај секојдневните апели на здравствените власти, граѓаните и понатаму не ги почитуваат мерки. Во последното деноноќие, две лица ја прекршиле мерката за самоизолација и изолација, додека пак 707 граѓани не носеле лична заштита на лицето. Полицијата издала решенија за изолација на 566 лица, а 178 потпишале изјави за самоизолација.

Во моментов, државата се соочува со вкупно 2.942 активни случаи на ковид-19. Од вирусот закрепнаа 1.926, а починаа 238 лица. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 5.106.