Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека 103 лица не го почитувале полицискиот час во текот на вчерашна ноќ. Поради непочитување на забраната за движење во периодот од 21 до 5 часот, ноќта меѓу 24 и 25 март биле приведени 63 лица во полициска станица, 31 лице биле опоменати и воедно биле сочинети и девет записници на место на настан.

„Во текот на вчерашниот ден евидентирани се 39 лица на кои им се издадени решенија за изолација и 111 граѓани кои на граничните премини потпишале изјави за самоизолација. Извршени се и 61 контрола во угостителски и други објекти и утврдено е дека само во еден случај не се почитувале препораките и мерките на Владата“, се наведува во соопштението на МВР.

Од Основното јавно обвинителство денес постојано пристигнуваат соопштенија за поднесени кривични пријави на граѓани кои не го почитуваат полицискиот час или мерката за задолжителна самоизолација. Меѓу нив, 21 лице добило кривична пријава од кои најголемиот дел се однесуваат за прекршување на полицискиот час во Скопје, Берово, Гостивар и Свети Николе. Казните се најчесто парични, во износ од 2.000 евра. Меѓу казнените лица се тројца жители на Дебар, кои се обиделе преку спореден пат да го напуштат кризното подрачје на општина Дебар.