Музејот на современа уметност ја збогати збирката со нови донирани дела од странски уметници

Подареното уметничко дело на холандскиот уметник; Фото: МСУ

Холандскиот визуелен уметник Јонас Стаал и рускиот колектив од уметници, критичари, филозофи и писатели „Что делат“ подарија уметнички дела на Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје, со што нивната уметничка колекција е збогатена со уште неколку значајни дела.

„Светски познатите уметници се свесни за значењето на нашиот музеј, затоа и донираат свои дела. Музејот на современата уметност – Скопје е симбол на солидарноста на некогашно солидарно Скопје. По катастрофалниот земјотрес 1963 година, се разбуди светската солидарност, не само во материјална помош за срушеното Скопје, туку и за подигнување на духот на настраданите. Многу светски реномирани уметници донираа свои дела во тоа време. Така почна и да се создава уметничката колекција на музејот. Денес, МСУ располага со богата уметничка колекција… од Пикасо, преку Калдер, Џаспер Џоунс, до Вазарели и многу други“, вели директорката на МСУ, Мира Гаќина.

Уметникот Јонас Стаал ја подари на МСУ својата инсталација „Нови Сојузи“ (New Unions 2016-2019), која е дел од изложбата „Сè што ни е заедничко“ курирана од Мира Гаќина и Јованка Попова. Воедно, рускиот колектив „Что делат“ го подарија на МСУ нивното видео „Becoming With the Museum“ за постојаната поставка која ќе се отвори годинава во МСУ. Ова видео беше продуцирано од „Контрапункт“ и развиено преку перформанс во рамки на „Крик фестивалот“, кој во 2017 година се одржа во МСУ.

Од МСУ појаснуваат дела уметничките дела на Стаал се изложувани во Музејот Stedelijk во Амстердам, M_НКА во Антверпен, Музејот Модерна во Стокхолм и Уметничкиот центар Nam June Paik во Сеул, како и 7 Берлинско биенале, 31 биенале во Сао Паоло и 12 биенале во Тајпеј.

Рускиот колектив „Что делат“ пак своите идеи ги пренесуваат преку филм, театарски претстави, радио програми, мурали, јавни кампањи и семинари. Спојувајќи ги политичката теорија, уметноста и активизмот, „Что делат“ се залагаат за еднаквост на сите луѓе, борејќи се против различните форми на патријахатот, хомофобијата и родовата нееднаквост. Имаат изложувано на многу светски биеналиња, уметнички галерии и музеи.

Претходно и светски реномираната кубанска уметница Тања Бругуера, која живее и работи на релација Њујорк – Хавана ја подари на МСУ – Скопје својата видео инсталација со наслов „Само-Саботажа“.