Фото: Арбнора Мемети

Вчера потврдените нови 13 случаи на корона вирусот кај пациенти од Штип, го крена вниманието во Центарот за јавно здравје, по деновите на релативно нискиот број на новозаболени. По деновите од еден, четири или пет нови случаи, ваквиот скок е предмет на анализа дали можеби се должи на присуството на новиот британски сој во Штип, потврдено и во лабораторијата на МАНУ.

Новозаболените, според епидемиолошката анализа, како што потврдуваат од ЦЈЗ, не доаѓаат од кластер, туку се работи за случаи на неколку семејства и нивни контакти.

Од друга страна, од штипските епидемиолози нема потврда за нови случаи на мутираниот британски сој, што во изминатите десет дена беше потврден кај две пациентки.

Од Министерството за здравство соопштуваат дека Штип е на листата на градови со детектиран мутиран сој на корона вирусот, но не е на врвот на листата на градови каде е најзастапен.

„Застапеноста на британскиот сој расте и сега присутноста е некаде околу 20 отсто, иако нема некој драстичен скок или голем кластер во градовите. Сепак, сè уште најмногу е застапен во Прилеп и Охрид. Апелираме за почитување на мерките и тоа е од големо значење за зачувување на колективното здравје“, одговорија од Министерството за здравство на прашањето за присутноста на мутираните соеви.

Во одговорот, Министерството истакнува дека според анализите на МАНУ досега во нашата земја се детектирани 30 различни варијанти на корона вирусот. Постојат близу 1.000 ширум светот.

Како што е веќе познато, оваа варијанта на вирусот е најфреквентна во Охрид и Прилеп, а е присустен и кај одредени пациенти во други градови: Тетово, Струга, Куманово, Штип, Велес.

Со оглед на тоа дека актуелните научни студии покажуваат поголема вирулентност на мутираните соеви на корона вирусот, бројот на новозаболените останува се следи со нагласено внимание од здравствените институции во Штип. Ова особено по периодот од неколку месеци на двоцифрени бројки на новозаболени, кога беа зафатени вработени на повеќе фирми и институции.