fbpx

Мурал во центарот на Скопје испраќа порака дека децата се заштитени тогаш кога се вакцинирани

-

Мурал со дете на ролерки, кој оваа недела беше насликан на фасада на зграда во центарот на Скопје симболично ја осликува потребата на родителите и старателите да направат сѐ за да ги заштитат децатa преку нивно вакцинирае.

Со муралот, УНИЦЕФ порачува дека за да ги заштитат здравјето и безбедноста на децата, родителите треба да знаат дека редовната вакцинација во детството е најбезбедниот, најлесниот и високо делотворен начин за заштита на здравјето во детството и низ целиот понатамошен живот.

„Треба постојано да зборуваме за придобивките од редовната вакцинација во детството, не само за време на Неделата на имунизација. Секој родител сака да го заштити своето дете и нормално е да бара информации. Но не смееме да дозволиме лажните информации да ја стават под прашање довербата во вакцините,” рече претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција ДиЏовани.

Таа апелираше и родителите и старателите да им ја обезбедат на нивните деца заштитата што ним им ја обезбедиле нивните родителите во минатото.

„Во 21 век не смееме свесно да го загрозиме здравјето на децата и да ги изложиме на ризик од болести кои може да се спречат со вакцини кои е докажано дека се безбедни и високо ефикасни. Благодарение на високите стапки на вакцинација, некогашните деца, а денешни родители, ја имаа таа среќа да растат без да искусат некој член од семејството или пријател да им почине или да страда од доживотна попреченост од болести како што се малите сипаници или полио. Иронично, ова е една од причините зошто некои веруваат дека болестите што може да се спречат со вакцини не се повеќе закана по луѓето. Контактирајте со вашиот матичен лекар или педијатар, отидете до најблиската здравствена установа или пункт за вакцинација“, нагласи ДиЏовани.

Државните институции кои ги презентираа најновите податоци за опфатот со редовни вакцини за деца во април годинава, предупредија дека на државно ниво опфатот е низок, особено за вакцината против мали сипаници, рубеола и заушки (МРП).

Иако стапките на вакцинирани деца во 2021 (за прва доза МРП  70,4%, а за втора доза 80,4 отсто) се зголемени во споредба со стапките во 2020 (за прва доза МРП  63% , а за втора доза 68,5%), овој опфат е далеку од потребниот процент од 95% вакцинирани деца за постигнување колективен имунитет и заштита во заедницата.

Загрижува тоа што стапките на вакцинација против МРП во 2021  се значително пониски од оние во 2018 година (МРП1 – 74,8% и МРП2 – 93,8%) кога земјата се соочи со епидемија на мали сипаници, која предизвика 4 смртни случаи на деца на возраст од 5,5 до 13 месеци, сите невакцинирани со МРП вакцината.

Дополнително, за да ги потсетат родителите колку е важно да ги вакцинираат децата и за да се зголеми опфатот, УНИЦЕФ и Министерствоот за здравство подготвија комуникациски материјали кои беа дистрибуирани на локации кои родителите често ги посетуваат, како и во градинките, вакциналните пунктови и породилиштата.

Според СЗО, опфатот од најмалку 95 отсто со две дози вакцина е неопходен за да се спречи ширење на епидемија од мали сипаници. Малите сипаници се едно од најзаразните респираторни заболувања кое може да доведе до тешки, понекогаш и трајни компликации од типот на пневмонија, оток на мозокот, хоспитализација и смрт. Малите сипаници се толку заразни што се проценува дека 9 од 10 лица што не се имунизирани, а биле во близок контакт со инфицирано лице, ќе се заразат. Лесно се пренесува кога инфицираното лице дише или кашла, а вирусот може да преживее на површина или во воздухот до 2 часа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Кривични пријави за шестмина инспектори зашто не пломбирале „диви“ менувачници на Бит пазар

Против шест лица С.Б.(32), Ј.Р.(54), В.М.(47), Б.С.(46),С.С.(61) и Р.Б.(37), државни пазарни инсектори, се поднесени кривични пријави за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, информира Министерството за...