Мултимедијалната патувачка стрип изложба „CAN for Balkans“ доаѓа во Велес

Фото: Стрип центар Велес

По Романија, Албанија, Белгија и Србија, токму Велес ќе биде центар на стрип културата во Македонија. Уметници и сценаристи, стрип теоретичари, професори, љубители на стрипот ќе имаат прилика да присуствуваат на отворањето на оваа изложба закажана за овој петок со почеток од 20 часот во Ликовниот салон во Велес.

Изложбата „CAN for Balkans” е составена од две тематски целини, од кои на првата се презентирани графичко-секвенцијални дела пристигнати на минатогодишниот меѓународен стрип-конкурс на тема „Балканот низ историјата”.

На втората, која е резултат од повеќегодишните истражувачки студии за историскиот стрип на Балканот, изложени се најрепрезентативните историски стрипови на романски, српски, албански и македонски автори, односно на историски стрипови од земјите од каде што се партнерските организации на проектот.

Посетителите ќе можат да ја посетат оваа изложба посветена на историјата на Балканот сè до 27 март.

За сите фанови на деветтата уметност ќе се одржат и неколку настани и промоции како претходница на големото финале, со специјални гости – Н.Е. Андреа Силвестри, италијански амбасадор во Македонија, Александар Стеванов и Бошко Караџов.