Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски обелодени дека Владата работи на трајно и одржливо решение за одблокирање на евроинтеграциите, но не сподели детали кои се дел од дипломатските разговори. Муцунски, во интервју за МИА, истакна дека власта има јасни црвени линии и позиции и прашања за кои што не е подготвена да преговара и информираше дека се работи на изнаоѓање решение, кое нема да создава ризици земјата повторно да биде блокирана на европскиот пат.

Муцунски и се обрати и на опозицијата на која и порача дека има легитимно право да дава критика и став за сите прашања освен за надворешната политика, каде што, вели се направени катастрофални грешки. Тој вели дека доколку францускиот предлог бил добар, немало секој да има различно толкување за тоа кои се нашите обврски во него, туку ќе имавло јасна слика што се очекува од нашата држава.

„Денес претставниците на опозицијата и дома ни велат единствено уставните измени се тоа што се бара од нас, а ние на наши билатерални средби од официјални претставници на Бугарија, прво сме информирани дека не се единствено уставните измени тоа што се бара од нас, туку се бараат и различни отстапки, меѓу кои што и отстапки од историска природа, а исто така ни се укажува дека не се работи само за нивно толкување, туку се работи и за ветувања дадени од високи претставници на претходната влада спрема Бугарија,“, вели Муцунски.

Министерот истакна дека во последната година, земјата има постигнато напредок во делот на имплементација на реформската агенда, но и дека остануваат и приоритети за периодот којшто следи како што се реформа на правосудниот систем и на јавната администрација.