Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на денешната прес-конференција со потпретседателот на Европската инвестициска банка, Роберт Де Грот, на новинарско прашање за тоа колку и кои странски инвестиции ги донел тој и вработените во министерството (со оглед на тоа дека сега ингеренциите се проширени), тој не посочи конкретен одговор. Муцунски кажа дека се работи за многу странски инвестиции без да наведе кои.
„Видовте дека бевме признаени како една од земјите која лани имаше донесено огромен број странски инвестиции. Сите нови инвеститори кои имаат дојдено во последната година дена, се работат координирано преку тимот на министерството, Агенцијата за странски инвестиции, дирекцијата за ТИРЗ, луѓе од канцеларијата на премиерот. Ние работиме координирано како тим, со наш импут. Контактот со инвеститори дојдени во последната година дена, и тие кои очекуваме да потпишеме договор во следниот период, е остварен на различни начини. Некогаш е преку дипломатско конзуларно претставништво, некогаш по директен контакт на самата компанија која слушнала за условите. Кога патувам на билатерални посети често знам да бдам придружен од економскиот тим на Владата. Инвестицијата, дури и ако е остварена по пат на комуникација на дипломатско претставништво, не е заслуга само на институциата која јас ја предводам, туку е заслуга на тимот“, рече Муцунски.
Министерот, на заедничката прес-конференција со потпретседателот на Европската инвестициска банка, Де Грот, кажа дека потпишале спогодба за отварање на претставништво на Европската инвестициска банка во Скопје.
„Европската инвестициска банка има инвестирано 1,6 милијарда евра во инфраструктура, енергетика, транспорт, подобрување на животиот стандард. Отварањето на претставништво во Скопје ќе овозможи подобра имплементација на проектите, ќе овозможи пристап до техничка и финансиска поддршка што ги нудат европските институции. Ова ќе значи забрзување на економската трансформација и усвојување на европсмите практики. Нашата заложба е стабилен раст, нови инвестиции и подобри услови за живот на граѓаните“, рече Муцунски.
Де Грот истакна дека Европската инвестициска банка е активна со децении во Македонија.
„Денес славиме нова одредница. Посветени сме на ова застапништво, сакаме да бидеме дел од пристапното патување на земјата, заедно со Делегацијата на ЕУ сметаме дека ова е навистина важно. Обезбедуваме многу средства на мали и средни претпријатија. Нашите техичари во банките нудат и помош за создавање нови проекти“, рече Де Грот.
