fbpx

МТСП: Правото на посебен додаток се зголемува за 15 отсто, а се гради и систем праведен за лицата со попреченост

-

Со програмата за работа на Владата на РСМ за 2022 предвидено е зголемување на правото на посебен додаток за 15 % за сите три категории на корисници на ова право, информира денес Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Од Министерството велат дека ова доаѓа по наводите на Коалицијата „Менуваме“ во некои од медиумите, за, како што пишува во соопштението, „остварувањето на праватa за еднаквост, достоинствен живот и вклучување на лицата со попреченост во целокупниот јавен живот“.

Како што се наведува во соопштението, доставена е измена и дополнување на Законот за социјална заштита кој е влезен во собраниска процедура и се обезбедени средства за покачување на додатокот со ребалансот на буџетот. Исто така со документацијата, велат оттаму, се дополнуваат критериумите за користење на личната асистенција, односно дополнување со комбинираната попреченост.

Во законските измени, според информацијата од Министерството, ќе следува и намалување на возрасната граница кај правото за траен надоместок за родители кои до 26-тата година се грижеле за дете со попреченост без да биде згрижено во институција, односно намалувањето е од 62 на 60 години за жени и од 64 на 62 години за мажи.

Министерството информира дека новите права и услуги за 2022 година коишто се договорени со другите министерства и фондови и со неколку здруженија на граѓани се:

  • ослободувањето од здравствената партиципација за лицата со попреченост над 26 години во вкупна висина од 16.000.000 денари;
  • измена на правилникот за утврдувањето на список на поправки на ортопедските помагала за покривање на трошоците за сервис и поправка на говорниот процесор;
  • намалување на времето за доделување на ортопедски помагала – чевли од 9 на 6 месеци;
  • промена на критериумите за користење на личната асистенција, односно дополнување со комбинирана попреченост каде доминантна е телесната (која со оваа измена ќе може да ја користат и лицата со церебрална парализа);
  • проверка на усогласувањето на  висината на правата со трошоците за живот.

„Она што е исто така многу важно е измената и дополнувањето на Одлуката за цената на социјалните услуги за 2022 година, каде е определена цена за час индивидуален и цена за дневен третман за дете/лице со попреченост од стручен работник во лиценцираните Дневни центри за деца со попреченост, односно 858 денари за индивидуален третман и 1.053 денари дневно по корисник, платени преку Центрите за социјална работа“, стои во соопштението.

Министерството за труд и социјална политика информира дека во тек е изработка/воведување на Регистар за лицата со попреченост, се воведува единствен систем на проценка на попреченост како и реформа на системот за вработување на лицата со попреченост.

Дополнително, оттаму велат дека започнале со подготовката на нова Национална стратегија за лицата со попреченост 2022-2027година.

Исто така, обезбедени се средства за вработување на 500 образовни асистенти во наставата, а со ребалансот на буџтот се обезбедени средства за дополнителни 225 асистенти, кои им се потребни како поддршка на наставниците во работата со учениците со попреченост. Преку Проектот за подобрување на социјалните услуги, со поддршка на Светска Банка развиена е услугата помош и нега во домашни услови за што ќе се плаќа преку Буџетот на Министерството.

Покрај тоа, како што информираат оттаму, потпишан е договорот за лицата што користат Кохлеарни импланти за набавка на говорниот процесор, а во тек е и нов јавен повик на кој ќе може да се пријават сите Единици на Локална Самоуправа да развиваат социјални услуги во локалната заедница.

„Завршено е идејното решение за реновирање на ЈУ Завод за рехабилитација Скопје, кој ќе прерасне во модерен центар за социјални услуги за што се обезбедени средства од 1,5 милиони евра од страна на ЕУД. Во тек е обезбедувањето на дозволите за адаптација на објектите и во текот на месец август ќе биде распишан тендер за изведување на градежните работи. Досега се отворени 12 организациони единици за живеење со поддршка со капацитет од 60 лица, под ЈУ Специјален Завод Демир Капија“, велат од Министерството.

Од МТСП предвидуваат дека до крајот на 2022 година ќе се отворат нови 10 станбени единици за живеење со поддршка за 50 корисници од Специјалниот Завод Демир Капија и ЈУ Завод за рехабилитација Скопје. До крајот на годината, како што се додава во соопштението, планирано е обезбедување на обуки и понуда на работни места за невработените родители на децата со попреченост во услугите од социјалната заштита и во Дневните центри.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...