фото: Архива на Мета

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) извести дека е во тек исплатата на мајските пензии, кои ќе бидат исплатени етапно и предвреме, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од ковид-19.

Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички, ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата и тоа: за пензии со висина до 11.000 денари, исплатата ќе се изврши на 26 мај, среда, пензиите од 11.001-14.000 денари ќе се исплаќаат утре, на 27 мај, исплатата на пензиите меѓу 14.001 и 18.000 денари ќе се врши на 28 мај, а за оние над 18.000 денари, во понеделник, на 31 мај.

Од МТСП соопштија дека, пензионерите кои користат платежна картичка со пензијата можат да располагаат од денеска, 26 мај, со подигнување од банкомат, и можат да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.

МТСП укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира и апелира пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, за да се намали метежот пред банките и шансите за загрозување на здравјете, а потсетуваат и на обврската за носење заштитна опрема како и на држење растојание пред и во банките.