До крајот на годината ќе имаме вкупно 10 специјализирани сервиси за жртви од родово базирано насилство во шест плански региони Скопје, Куманово, Тетово, Штип, Кавадарци, Битола Прилеп и овој во Велес, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска која денеска го посети новиот Центар за жртви на семејно насилство во Велес.

„Наш приоритет е да обезбедиме заштита и поддршка за секоја жена и девојка. Паралелно работиме и на превенција, бидејќи наша крајна цел е трајно да ги искорениме овие појави од општеството. Владата го усвои Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската Конвенција за период 2018-2023. Во неговата изработка беа вклучени релевантни институции, граѓанскиот сектор, претставници од законодавниот дом и судии. Со цел усвојување на единствена правна рамка што ги уредува сите форми на родово базирано насилство се изготвува нов предлог-закон, кој ќе ги опфати сите форми на родово базирано насилство“, рече Царовска.

За годинава се издвоени двојно повеќе средства, односно 6 милиони и 400 илјади денари за имплементација на Конвенцијата и отворање на сервиси за поддршка на жртви од родово базирано насилство. До крајот на годината е предвидено отворање на кризни центри за жртви на семејно насилство во Прилеп и Штип.

Во моментот во скопскиот регион има воспоставено СОС линија, кризен центар за 24-48 часа сместување, долгорочно сместување до шест месеци во шелтер-центар, психо-социјална поддршка во прв семеен центар за жртви сторители и деца и правно зајакнување.