fbpx

МТСП: Ако едниот родител не ви дава да си го видите детето, може да му поднесете кривична

-

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) нема надлежност да казнува во случај ако родителот кој е старател на детето, не го почитува решението за видување, а ниту таква надлежност имаат центрите за социјална работа. Против несовесните родители кои ги попречуваат видувањата може од страна на другиот родител да биде поднесе кривична пријава до надлежен орган, објаснуваат во институцијата, откако „Мета“ побара одговори, како да постапат обесправените родители кои посебно во овој период на мерки за заштита од ковид-19, не можат да си ги видат децата.

На прашањето, што презема министерството кога во вонредни, но и во редовни услови, родителите кои се старатели ги оневозможуваат гледањата на децата, оттаму со одговор:

„Согласно Законот за семејство, родителите се должни да ги почитуваат решенијата на центрите и нивното непочитување повлекува и кривична одговорност за родителите. Согласно Законот за општа управна постапка, пак, во случај на непочиување на решенијата се применуваат одредбите за присилно извршување кога постојат услови за тоа“, потенцираат оттаму.

Иако во Србија, со дозволите за полициски час се опфатени и родителите кои не се старатели на децата, само за да можат да си ги видат децата, кај нас надлежните немаат прецизен одговор на прашањето, дали и кога ќе воведат дозволи и за овие родители, со цел децата да можат да си го видат родителот со кој не живеат.

„Донесените решенија на центрите за социјална работа се во сила и секогаш кога постојат услови за реализирање на видувањата на децата со родителот со кого не живеат, истите се применуваат без да постои ризик за децата и на заедничка одговорност на двајцата родители. Потсетуваме дека родителите можат да потпишат спогодба за видување на децата надвор од часовите за ограничување на движењето, во центрите за социјална работа. Центрите им стојат на располагање на родителите за стручна поддршка во процесот“, појаснуваат во МТСП.

Родители кои се членови на Иницијативата за заедничко и одговорно родителство по развод, пред неколку дена реагираа дека родителите кои го имаат старателството над децата (мајки и татковци) не ги почитуваат решенијата под изговор на вонредната состојба. Според нив, центрите за социјални работи немаат механизми како да обезбедат нивните решенија да се извршуваат и затоа најчесто го игнорираат проблемот оставајќи родителите меѓусебно да го решат (но кога би можеле тогаш институциите на системот не би им биле потребни). Иако обесправени родители велат дека е редуциран бројот на службеници во центрите заради вонредната состојба, во МТСП тврдат дека центрите, согласно мерките за заштита од ковид-19, работат со странки секој работен ден од 9 до 13 часот.

Во МТСП повторуваат дека родителите, согласно обврската за грижа и заштита на здравјето на децата, треба да го прилагодат движењето на децата согласно препораките на Владата за постапување во услови на вонредна состојба и воведен полициски час. Тие треба да покажат повисока свест и подготвеност за договор за начинот на одржување на контактите на децата со родителот со кого не живеат, а притоа децата да не бидат изложени на опасностите кои со себе ги носи оваа пандемија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Оживува пропагандата за непостоечка продажба на органи од украински војници

Проверувачи на факти од Украина веќе пишуваат дека ова видео претставува дел од руската пропаганда. Центарот за борба против дезинформации објавува на Фејсбук дека станува збор за невистина. Во...