Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги додели финансиска помош – донација за справување со последиците од корона вирусот Ковид-19 во вкупен износ од 105.000.000 денари (1,7 милиони евра).

Од 103 милиони денари (1,6 милиони евра) наменети за радиодифузерите, 30 милиони денари (488 илјади евра) се за Македонска радио телевизија. Останатите комерцијални и непрофитни радиодифузери кои во моментов вршат телевизиско или радио-емитување ќе добијат 73 милиони денари или 1,2 милиони евра.

Овие средства се доделуваат за заштита на своите вработени преку набавка на заштитни средства, за трошоци поврзани со производство, набавка и емитување на програма, за санирање на негативните последици врз нивното економското работење поради коронавирусот и овозможување нивно непречено функционирање.

„Новинарите се секојдневно изложени на голем ризик, пари се доделени и за производство на програма, но и за други работи кои што радио-дифузерите сметаат дека ќе им бидат неопходни. Доколку од ова произлезе и производство на програма, а посебно од јавниот сервис, ќе ни биде многу драго,“ изјави Зоран Трајчевски, директор на АВМУ.

АВМУ додели и по еден милион денари (16 илјади евра) на Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство, наменети за мерки и активности за заштита на своите вработени преку набавка на заштитни средства и набавка на друга опрема и средства неопходни за извршување на активностите на Министерствата за превенција, спречување ширење и справување со последиците од коронавирусот.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.